Економијата лани порасна за 3,8 отсто

Bez autora
Mar 15 2015

Македонската економија пораснала за 2,7 отсто во последниот квартал од минатата година, соопшти вчера државната статистика. Ова е послаба стапка на раст на бруто-домашниот производ ако се направи споредба со оние остварени во претходните квартали, односно 3,3 отсто во првиот квартал од 2014, 4,7 отсто во вториот и 4,3 отсто во третото тримесечје. Или, ако се набљудува цела мината година, таа завршила со просечна стапка на раст од 3,8 отсто. Инаку, бројките кои се однесуваат на првите три квартали од лани сега се ревидирани нагоре, откако во претходното соопштение на статистика тие беа малку пониски, и изнесуваа 3,2 отсто за првиот, 4,4 проценти за вториот и 4,1 отсто за третиот квартал лани.

Економијата лани порасна за 3,8 отстоМакедонската економија пораснала за 2,7 отсто во последниот квартал од минатата година, соопшти вчера државната статистика. Ова е послаба стапка на раст на бруто-домашниот производ ако се направи споредба со оние остварени во претходните квартали, односно 3,3 отсто во првиот квартал од 2014, 4,7 отсто во вториот и 4,3 отсто во третото тримесечје.

Или, ако се набљудува цела мината година, таа завршила со просечна стапка на раст од 3,8 отсто.

Инаку, бројките кои се однесуваат на првите три квартали од лани сега се ревидирани нагоре, откако во претходното соопштение на статистика тие беа малку пониски, и изнесуваа 3,2 отсто за првиот, 4,4 проценти за вториот и 4,1 отсто за третиот квартал лани.

Шенај Хаџимустафа, универзитетска професорка, вели дека растот на БДП лани најмногу се должи на растот на бруто-инвестициите од 1,8 отсто во четвртиот квартал, и 13,5 отсто за цела година. Извозот бележи раст од 22,4 отсто во четвртиот квартал и 17 отсто на годишно ниво. Во споредба со истиот квартал во претходната година, јавната потрошувачка бележи мал раст од 1,9 отсто, но на ниво од 2014 година јавната потрошувачка бележи пад од 1,2 проценти.

„Позитивните стапки на економски раст се пожелни за секоја економија, но на Македонија како земја во развој и' се потребни повисоки стапки на економски раст, како би можеле овие стапки да се почувствуваат низ поголема активност на економијата, поголемо искористување на ресурсите и зголемување на квалитетот на живот и општествена благосостојба во земјата“, вели Хаџимустафа. Во оваа насока, според неа, секако улога има и структурата, односно на чија основа се базира растот на БДП. Повисокото учество на инвестициите и поголемиот нето-извоз, се од големо значење за остварување на повисоки и долгорочно одржливи стапки на раст на БДП на земјата, вели оваа професорка.

Кој е секторот што лани бил најзаслужен за македонската економија? Ако се набљудуваат бројките може да се забележи дека тоа е преработувачката индустрија, која лани пораснала со стапка од 10 отсто, и за која, се чини дека почнува полека да му го зема приматот на градежништвото, кое, пак, лани завршило со финална стапка на раст од 6,1 отсто. Сепак, водство пред нив има секторот уметност, забава и рекреација, кој ланската година ја завршил со убедливо највисока стапка на раст од 11,7 отсто.

Македонското земјоделство никако да покаже успешни движења. Во четвртиот квартал од 2014 овој сектор дури и имал негативна стапка од 3,1 отсто, а и во третиот исклучително слаб раст од 0,9 отсто. Благодарение на високите стапки од 8,7 отсто во второто и 3,8 отсто во првото тримесечје, овој сектор успева лани да заврши со конечна стапка од 2 отсто.

Потоа следува секторот рударство, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, кој има заедничка стапка лани од 4,3 отсто, додека, пак, таа во последниот квартал изнесувала 2,8 отсто. Во овој дел најдобра е преработувачката индустрија, чија вкупна стапка на раст лани е 10 отсто, иако може да се забележи дека таа во последниот квартал малку забавила и остварила стапка на раст од 4,5 отсто, по одличните 16,6 отсто во третиот и 11,3 проценти во вториот квартал од 2014. Градежниот сектор, пак, може да се каже дека закрепнал во четвртото тримесечје лани, остварувајќи стапка од 11,1 отсто, по многу пониски стапки во вториот и третиот квартал, за на крај да заврши со финална бројка од 6,1 отсто.

Трговијата на големо и мало лани завршиле со стапка на раст од 3,1 отсто, слично како и секторот информации и комуникации, со 3,3 отсто. Финансиските и осигурителните дејности оствариле 4,7 отсто, а одличен раст има секторот стручни и научни дејности со 7,2 отсто, а најслаби, пак, се јавната управа и одбраната, со раст од само 0,5 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат, во четвртото тримесечје од 2014 номинално расте за 2,5 отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,8 отсто. Во истиот период, извозот номинално е зголемен за 14,8 отсто, а увозот е зголемен во номинален износ од 9,7 отсто.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik